Над градот сиво сонце се бори со облаци, под нив се дига врева од ѕвонци и клопотарци. Најнапред оди Јуда со своите разбојници, од уста дождови му врнат од пцости и гадости Ѕвона ѕвонат, земја ќе се раскине, место љубов – лагата нè обзеде. Од небо на златни крилја гулаб долета, на главата му бело писмо и црна судбина. И во него слово до сите бедници, историја со два краја, меч со две острици. Ѕвона ѕвонат, небо ќе се истури, место љубов – лагата нè победи. Ѕвона ѕвонат, земја ќе се раскине, место љубов – лагата нè обзеде. Ви надевам тежок јарем – право на слобода, во една рака трнлив венец и кама во другата. Пред вас е сугуба река со два ракавци, едниот се вика правда, другиот страдање.